Ревијата на „Диор“ на Mодната недела во Париз беше „борбена“ и по малку „мрачна”… Дизајнерката Марија Грација Чиури изјави дека нагласокот на комбинирањето на „убавината и заштитата“ е соодветен при војна.

Колекцијата за есен-зима 2022-2023 е создадена долго пред да почне конфликтот во Украина. Но, бидејќи моделите на „Диор“ носеа разновидна „заштитна опрема“ – од перничиња за рамена до корсети со воздушни перничиња кои личеа на панцири, тешко е сѐ тоа да не се поврзе со случувањата од Источна Европа, пишуваат западните весници.

Дури и пред конфликтот во Украина, светот веќе беше во војна, рече Чиури, уметнички директор за жени на „Диор“. Ковид е уште еден „облик на војна“. Сите ние минавме низ многу тешки месеци. А, овие тешки времиња многу се размислува како да се комбинираат убавината, естетиката и заштитата – вели Чиури .

Нејзините најнови креации се насочени кон технички решенија функционални за женското тело. Тие вклучуваат и технолошка адаптација на култната креација на Кристијан Диор – јакната „Бар“… Во соработка со италијанската компанија за додатоци за мотоцикли – „Д-лаб“, новата јакна има дополнителен внатрешен систем за греење.

Самата облека е еден вид заштита… Таа нè смирува. Ова гледиште е многу присутно и во она што го правам – емоционалната заштита, како и – заштита во буквална смисла на зборот – вели Чиури.

Во сенка на случувањата во Украина, во понеделникот организаторите објавија соопштение каде што ги повикуваат посетителите да ги искусат новитетите „свечено, но размислувајќи за овие мрачни часови“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.