Првата сезона на најголемиот моден настан во метрополата ќе се одвива во трговскиот центар од 4 до 27 март. Учесници на фестивалот се реномирани дизајнери и брендови од земјата и странство, заедно со истакнати уметници и музичари како специјални гости во програмата.

Цел нареден месец градот Скопје ќе пулсира во ритамот на модата. Епицентар на случувањата е трговскиот центар Скопје Сити Мол, каде од овој петок (4 март) започнува првото издание на Скопски моден фестивал, нова забавна манифестација за сите љубители на убавиот дизајн, уметноста и музиката. Богатата програма на настанот е поделена во два посебни дела и брои над дваесет македонски и интернационални учесници.

Првиот викенд од март е резервиран за сценски спектакл со модни ревии и шоуа кои се закажани на 04.03 (петок), 05.03 (сабота) и 06.03 (недела) од 19 до 22 часот на првиот кат од Скопје Сити Мол. Ден подоцна, на 07.03 (понеделник) во 19 часот свечено ќе се отвори и тринеделниот изложбено-продажен салон во трговскиот центар, каде ексклузивно ќе можат да се погледнат и купат креациите на мнозинството фестивалски учесници.

Скопје Сити Мол, како главен партнер и покровител на Скопски моден фестивал, ја споделува визијата на организаторите за нова, поинаква и пред сè успешна модна приказна во метрополата. Скопје Сити Мол е единствениот трговски центар, не само во државата, туку и во регионот, што во моментот ги отвора вратите и дава максимална поддршка на сите припадници на независната креативна сцена, нудејќи им простор и цел спектар на можности да ги промовираат своите дела пред нашите посетители и пошироката публика, истакнуваат од менаџментот на SCM.

Познати имиња како Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, Емили Пишева Гоџирова, Моника Димова, Сара Реџиќ и Мирјана Јосифоска, односно брендовите KTN, Minnimal, Bella, Superstacy, La Dama, Minimal by Nana и SIGMA Jewelry ќе се запишат како првите учесници на Скопски моден фестивал, заедно со странските гости: STL Studios (Грција), Teja Jeglich (Словенија), Katerina Zoto (Албанија) и престижната школа Akademia Evolucion (Косово).

Специјално претставување во рамки на манифестацијата ќе имаат и уметниците Бојан Ковски и Методија Јованов – Excellent Kitsch, додека премиерните чекори на модната писта ќе ги направи и сосема нова генерација на модели од сите домашни агенции. Првата сезона на настанот е под слоганот „The Future was Present”, а официјално ќе започне со гала вечер во петок од 19 часот во Скопје Сити Мол.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.