Невладината организација „Tiiiit! Inc.“ ги повика македонските жени на марш. Маршот, кој треба да се одржи во Скопје, е под слоганот „Црвена линија: правата на жените не се за преговарање“, започнува во 17 часот, на плоштадот „Скендербег“, а завршува во паркот „Жена борец“, со завршни обраќања до јавноста и до институциите

Со марш, изложби и со концерт ќе се означи 8 Март, Меѓународниот ден на жената, во повеќе градови во Македонија, кога во светот, но и кај нас се одбележува борбата на жените за економска, политичка и за општествена рамноправност со мажите.

Идејата за одбележување посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20 век. Првиот Ден на жената бил на 28 февруари 1909 г., во САД, по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 г., под закрила на Втората интернационала, во Копенхаген била одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа било одлучено да се прославува меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, за првпат бил прославен овој празник од повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и во Швајцарија. На 8 март 1913 г., жените ширум Европа одржувале мировни собири. По победата на болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8 Март за првпат бил прогласен за државен празник. На Запад, во 1920-тите, одбележувањето на 8 Март полека замирало, а заживеало во 1960-тите, заедно со растежот на феминизмот. Сепак, во ниту една западна земја 8 Март не е прогласен за државен празник. Со одлука на Обединетите нации од 1975 година, 8 Март е прогласен за Меѓународен ден на жената.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.