Рецепт за кремаста и вкусна салата од моркови. Ја нареков “Велигденска салата” бидејќи се ближи Велигден, а морковот ме инспирираше така да ја наречам. Инаку толку е вкусна, а многу едноставно се приготвува, што можете кога сакате да ја правите.

Ова е брза и ефектна салата со убав изглед и вкус. За да ја приготвите ќе ви бидат потребни следните состојки: 4 варени моркови, 50-80 г фета сирење, 2 чешниња лук, 1 филџан шолја кикирики, сол по вкус, 5-6 полни лажици кисела павлака и магдонос за декорација.

Постапка: морковите сварете ги, изладете ги па изрендајте ги на крупно ренде. Потоа додајте 50-80 г фета сирење или некое друго по ваш вкус. Потоа додајте ситно сечкано или изгмечано лукче (2 чешниња се доволни, но по вкус може да додадете и повеќе).

Посолете по вкус, а потоа додајте крупно мелени кикирики, околу една мала шолја. Во смесата додајте 5-6 полни супени лажици кисела павлака. Мерките се одокативни, па мора да пробате и според вкус да додадете уште малку од некоја од состојките.

Кикириките даваат одлична текстура и вкус, морковите слаткаст вкус, а сето тоа се надополнува со вкусот на лукот. Добро промешајте додека да се изедначи смесата. Доколку сакате, смесата можете да префрлите во чинија за сервирање и да ја обликувате како сакате.

извор: нмд.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.