Пазарот „врие” од фалсификати кои содржат сирупи. На пчеларите им останува да ја вратат довербата кај потрошувачите, а тоа може да го сторат само преку правилна едукација и со институционална поддршка од Агенцијата за храна и ветеринарство, инспекторатите и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), беше речено на отворањето на годинашните пролетни „Денови на македонскиот мед”.

Манифестацијата ја организира Пчеларско здружение „Матица” од Скопје, со поддршка на Општина Центар и ќе трае до 26 март.

На штандовите поставени долж улица „Македонија”, посетителите можат да купат мед, полен, прополис, матичен млеч, восок и други пчелни производи. Цената на тегла ливадски и шумски мед е 500 денари, а медот од костен чини 600 денари.

Имаме и матичен млеч, перга, прополис, полен, маст од прополис,… Годинава беше тешка. Преовладува шумскиот мед. Сепак, добро е. Сметам дека потрошувачите се уште купуваат мед во маркети, не веруваат дека овој, од нашите производители, е природен, вистински, квалитетен. Се сомневаат, дури некои знаат и да ни кажат „ова не е прав мед”. Ние тука не можеме ништо, освен да им објасниме и да им посочиме која е разликата во однос на фалисикуваниот мед, вели Тамара Митревска, чие семејство произведува мед и има штанд на манифестацијата.

Кошничките на Митревски им се во Горно Коњари, Кумановско, кон Свети Николе, покрај Пчиња, а ги носат на паша во Македонски Брод и во Берово каде средината е чиста.

Се надеваме дека годинава пандемијата ќе стане минато. Несакајќи да ја прекинеме традицијата, во срцето на Скопје нудиме мед и други пчелни производи кои се дар од природата со целосно почитување на КОВИД мерките. Нашата цел е деновиве, преку непосредни контакти, да ги едуцираме потрошувачите како да препознаат вистински мед меѓу напливот на се поголемиот број фалсификатори. Сакаме да укажеме колкава е важноста на медот и другите пчелни производи во секојдневната исхрана на човекот. Живееме во време кога напнатоста и стресот се прифатени како начин на живот, а има и многу вируси, алергии и болести кои пред стотина години воопшто не постоеле. Дел од нив се јавуваат поради неправилната и вештачка исхрана, а медот е единствена природна супстанца која од дамнина се користела како најважна храна, истакна претседателот на „Матица”, Венче Билбиловски.

Тој нагласи дека нашите граѓани се уште трошат многу малку мед во споредба со останатите земји.

Јапонците годишно трошат 16 килограми по глава на жител, а ние само 900 грама. Разликата е огромна. Се повеќе на нашиот пазар има мед измешан со сирупи за да се оствари профит. Со тоа се уништуваат природните својства на медот, напомена Билбиловски.

Според него, земјава може да се пофали со квалитетен мед.

Бараме да бидеме заштитени со закон за да ги оствариме нашите права. Можеме да се пофалиме со квалитетен мед за кој во светот секоја година добиваме високи признанија. Сакаме државава да ја промовираме како регион од кој може да се набави природен мед според највисоките стандарди за здрава храна и со тоа да ја афирмираме, истакна претседателот на „Матица”.

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски порача дека Деновите на медот се одлична можност граѓаните да се запознаат со медот и пчеларската култура.

Овој настан овозможува директна комуникација меѓу пчеларите и купувачите, како и одлична шанса за младите потенцијални пчелари да се запознаат со начинот на одгледување пчели и производството на мед, потенцира Герасимовски.

Официјалното отворање на манифестацијата ја заокружи македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин кој во оваа прилика на Герасимовски му подари, како што рече, цветна, пчелна рамка во која се „сместени” една матица во бело-жолта боја и цвеќињата на мирот.

Луѓето тука може да се снабдат со вистински, квалитен мед и со други пчелни производи, рече Цветин.

И годинава, поради КОВИД пандемијата, манифестацијата не беше отворена со настап на дечиња од скопските градинки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.