Метеоролозите најавија врнежливо време, но тоа не значи дека треба да останете дома и да дозволите да ви пропадне викендот, а со тоа и долго планираната скара во природа со пријателите.
Сте се организирале фино друштво, сте набавиле тон месо, салати, литри и литри алкохол, сте разгореле скара – значи, сѐ е подготвено за Празникот на трудот. Меѓутоа, сивите облаци се закануваат дека ќе ви ги расипат плановите. Дали е сѐ изгубено?
Како што велат големите светски стручњаци, не мора да значи. Секако, ако врне цел ден без престан, тоа веќе може да претставува закана за планираниот Први мај.
Ако имате деца, никако не ви препорачуваме природа, зашто убавиот помин може лесно да се претвори од ден за паметење во ден за лекување грозница.
Во тој случај, најпаметно е забавата да ја преселите во нечија куќа со двор. Скарата можете да ја сместите под настрешница или на самиот влез во гаражата.
Никако не палете оган во затворен простор, зашто може да дојде до општо труење со јаглероден моноксид.
Наместо фризби, топка, бадминтон, подгответе инакви друштвени игри: монопол, ризико, јамб, пикшинери, карти и други кои ќе ги играте во дневната соба. Доколку сите живеете во станови, не би било баш хумано скара да распалите на терасата. Ако немате електрична скара, на месото ништо нема да му фали ако ќебапчињата и плескавиците ги завртите на рингла, а останатото месо во рерна. Исто така, добра и практична идеја е да си нарачате скара од некоја ќебапчилница, и онака речиси сите работат на денот.
Ако вашиот шпорет има грил опција, на коњ сте! Битно е сета храна да не пропадне, а и сите убаво да си поминат. Сепак, ако само роси нема причина да се откажете од природа. И не само тоа, искусните скараџии сметаат дека месото најубаво се пече кога надвор е влажно.
Тогаш месото ја впива влагата од воздухот и ќебапчињата, плескавиците, колбасите, пилешките крилца и останатите парчиња месо се посочни и поубаво мирисаат отколку ако времето е суво.
Идеално би било кога би имале некоја модерна верзија на плинска скара, која доаѓа со капак. Ако немате, старо тенџере, на кое ќе му направите неколку дупчиња, ќе заврши работа.
Исто така, не би било лошо ако главниот скараџија го сместите под настрешница, чадор за сонце или дрво со густа крошна и штетата за месото ќе биде минимална.
Ако сте се одлучиле за излет во шума, не заборавајте да понесете средства за заштита од комарци, крлежи, болви и други инсекти, кои како да полудуваат кога се спрема дожд и кога врне. Исто така, би било прекрасно кога некој од друштвото би понел барем еден шатор, чисто за да имате каде да се засолните ако фати голем дожд.
За жал, ќе мора да заборавите на терање романтика на треба, лежење на ќебе и гледање во сончевото небо. Понесете доволно столчиња на расклопување.
Не заборавајте да понесете стари крпи со кои ги бришете столчињата од влага и кал, а за облека – уште сега спакувајте кабаници и гумени чизми.
Како и да е, кој избор и да го направите, не заборавајте да понесете добро расположение и желба убаво да си поминете. Не треба многу да се трудите за да имате незаборавен Ден на трудот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.