Кафето за многумина е еден од омилените топли напитоци и постојат стотина начини на кои тоа може да се пие – со шеќер или без, со млеко или без, со шлаг, сируп, цимет и бројни други додатоци.
Неодамна, најголемиот светски ланец на кафетерии во светот „Starbucks“, започна да продава кафе со маслиново масло во Италија, а овој додаток во кафето брзо стекна популарност и во другите земји бидејќи содржи бројни здравствени бенефити.
Кога станува збор за интеракцијата на маслиновото масло со кафето, тоа ја обложува слузницата на желудникот, што може да ја забави апсорпцијата на кофеинот од кафето. Ова може да помогне да се избегне таканаречениот „пад“ кој често следи по брзото будење. Оваа способност за обложување на желудникот исто така може да помогне да се неутрализира дел од киселоста на кафето.
Маслиновото масло само по себе е суперхрана со своите импресивни придобивки. Тоа е богато со мононезаситени и полинезаситени масти кои се здрави за срцето, кои помагаат во намалување на лошиот холестерол додека го зголемуваат добриот холестерол, што може да помогне во превенција на срцеви заболувања. Исто така е утврдено и дека маслиновото масло го намалува крвниот притисок.
Мастите, вклучително и маслиновото масло, го забавуваат варењето, нѝ помагаат да се чувствуваме посити подолго време и нудат постојана енергија. Ова значи дека мастите исто така ја намалуваат реакцијата на шеќерот во крвта, помагајќи нѝ да избегнеме големи скокови на шеќерот во крвта после јадење. Иако ова е одлична вест за оние со дијабетес или други метаболички состојби, исто така ќе им помогне и на другите да ја избегнат ненадејната загуба на енергија што понекогаш може да се случи после јадење.
Доколку сакате да ја пробате оваа комбинација, важно е да користите висококвалитетно екстра девствено маслиново масло. Имено, ваквото масло помалку се обработува и задржува повеќе хранливи материи. Исто така, неговиот попрефинет вкус ќе му даде јаткаста слаткост на кафето.
Извор: Точка.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.