Талентираните и вредни ученици од основното училиште „Григор Прличев“ во општината Гази Баба, под водство на нивната посветена наставничка Елена Владева Апостолов, неодамна го воодушевија стручното жири со својата изведба на легендарната песна „Заветна“ и го освоија првото место на наградниот конкурс во организација на „Фолконика“ – Центарот за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво. Покрај првата награда, учениците од „Григор Прличев“ беа наградени и со трето место со изведба на песната „„Назад, назад, Калино моме“, настапувајќи во хор и во мандолински оркестар.

Наградниот конкурс „Цртаме и пееме народни песни“, го организираше „Фолконика“, а на конкурсот беа пријавени ученици од десетици училишта. Децата имаа задача да нацртаат или испеат народна песна,инспирирани од фолклорот.

Наставничката Елена Владева Апостолов вели дека и таа и нејзините ученици биле пресреќни кога ги чуле добрите вести.

Ние заедно свиревме македонска традиционална песна. Бевме пресреќни после прогласувањето на победниците.Мандолинскиот оркестар е оформен во февруари, имавме активна работа од 4-5 месеци. Јас самата доаѓам од училиштето „Григор Прличев“ и како ученичка имам свирено на истите овие мандолини кај мојот одличен професор Драган Даутовски, кој беше наставник по музичко обраование во ова училиште. Во училиштето  се формираше првиот состав на групата „Синтезис“, сите девојки се токму од оваа населба, Железара. Директорката Александра Петковска Анастасов ни излезе во пресрет, истите мандолини ги средивме и ги користат моите ученици, вели Владева Апостолов.

Како што таа вели, многу ѝ е важно денешните ученици да ја задржат традицијата и да ја негуваат македонската музика.

Во Македонија секогаш има талентирани деца.Најбитно е да го задржиме традиционалното и да ја негуваме македонската песна, бидејќи тоа е тоа што ни останува како традиција нам како народ. Ние пред да се објави конкурсот на „Фолконика“, вежбавме староградски песни и фестивалот ни дојде како супер можност за да го презентираме она што сме го навежбале“, додава Владева Апостолов.

 

Наставничката вели дека учениците се желни за приредби и се заинтересирани да свират и да пеат.

Ова се вредни деца. Сигурна сум дека ќе освојуваме уште многу награди во иднина“, завршува наставничката.

 

Врачувањето на наградите се одржа неодамна токму во „Григор Прличев“. Освен тоа, беше промовирана и сликовница со наслов „Пилето ми пее“, која всушност е нова музичка фолк-сликовница што ја издаде „Фолконика“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.