Тинк Тенк Аналитика денеска ги презентираше анализите од истражувањето за „Сајбер безбедност за младите: Зголемување на свеста и унапредување на знаењата на младите и наставниците за сајбер насилството“ кој е подржан од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Македонија.

Истражувањето покажува дека 84% од учениците поминуваат три до четири часа на интернет секојдневно. Вкупно 77.5% од нив тоа време го поминуваат на социјалните мрежи (Фејсбук, инстаграм (74%) ,ТикТок (68.2%) и Снепчет (67.7%).

Само 14 отсто од испитаниците присуствувале на работилници наменети за безбедно користење на сајбер просторот, додека останатите се изјасниле дека во нивните училишта не се одржуваат вакви работилници или дека не се информирани за тоа. 62.2 % од нив сметаат дека е многу важно постоењето на неформални врснички клубови во нивните училишта преку кои ќе се врши едукација за сајбер безбедност со цел подобрување на училишната клима и справување со насилството.

Анализата која ја изработи „Тинк Тенк Аналитика“ се темели на истражување спроведено во септември 2023 година на репрезентативен примерок од 507 испитаници, ученици од три средни училишта на Град Скопје и две основни училишта од Општина Карпош.

Во своето истражување „Аналитика“ наведува дека речиси половина од вкупниот број анкетирани ученици односно 46,5% биле жртви на сајбер булинг или биле сведоци на истото, а дури 70% сметаат дека треба да се подигне свеста за овој проблем.

Тамара Спасова, Извршен директор на Аналитика наведува дека иако интернетот е извонредна алатка за комуникација и учење таа носи свои ризици и опасности, особено кога станува збор за сајбер-насилството.

Статистиката од нашето истражување покажува дека 84% од студентите поминуваат повеќе од 3 до 4 часа онлајн секој ден, а значителен дел од тоа време го посветуваат на Facebook, Instagram, TikTok и Snapchat. Токму на овие платформи тие се најчесто изложени на сајбер насилство и вознемирување. Затоа мора заедно да ја подигнеме свеста за сајбер насилството и воведеме нови методи за справување со истото. Сепак драго ми е што учениците се свесни за проблемот и дури 70% од нив сметаат сајбер насилството не е проблем само на децата во училиштата. Тоа е проблем кој не засега сите нас и има далекусежни негативни последици на општеството. Тоа не познава граници на пол, верска и етничка припадност. Ова се универзални предизвици кои бараат наше колективно внимание и усогласена акција“, потенцира Спасова.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој е на врвот на пирамидата во изнаоѓањето начини и методи на делување и нивно спроведување со цел намалување на сајбер насилството појасни дека преку програмата за стручно усовршување на наставниците, министерството континуирано спроведува обуки за наставници и стручни соработници во училиштата.

Амбасадата на Канада е неизмерно горда што е поврзана со овој проект, финансиран од „Канадски фонд за локални иницијативи“ затоа што овие анализи се темелот на изготвувањето мерки за намалување на која ја носи сајбер булингот, рече заменик шефот на мисијата на Амбасадата на Канада Дејвид Морган.

Не можеме да ги вратиме социјалните медиуми во нивните кутии но, можеме и мораме да се обидеме да ја ограничиме штетата која може да ја направат на достоинството, честа, умот, имагинацијата и психата на оние кои се под негово влијание. Имаме должност како родители, наставници, граѓани и законодавци да се обидеме да ја поправиме рамнотежата, да ги заштитиме и обезбедиме алатки на оние на кои инаку би можеле да им го нарушат животот од анонимни кукавици и предатори“, истакна Морган.

Маја Христовска, проектниот експерт на Тинк Тенк Аналитика пак ја презентираше анализата која говори дека единствено отворената комуникација дома и со стручните служби во училиштето се позитивниот резултат за надминување на сајбер булингот.

70,7% од учениците сметаат дека свеста во општеството и нивната средина во врска со сајбер насилството е ниска и просечна. Позитивен е фактот дека 72% од учениците се изјасниле дека би побарале помош побарале од стручна служба, класен раководител или од самите родители. Ова укажува дека сепак отворената комуникација меѓу родителите и децата, или пак помеѓу наставниците (класниот раководител) и децата е позитивен знак или клучно решение во справувањето со каков било вид на врсничко насилство“, рече Христовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.