Здружението „Про Локал“ од Битола, едно од ретките во Македонија, работи на подобрување на условите за живот на граѓаните. Во партнерство со уште девет локални граѓански организации и со поддршка од Амбасадата на Холандија во земјава, преку МАТРА Програмата се вклучија во реализација на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија/Empowering people of Pelagonija“.

Во проектот за зајакнување на младите во седум рурални општини во Пелагонискиот регион, вклучени се педесеттина млади од регионот кои работат со цел да ги разберат и практикуваат принципите на доброто владеење.

Во рамките на проектот здружението „Про Локал“ организира интензивни и партиципативни работилници, дебати и игри за мотивација кои се само дел од алатките преку кои ги обучуваат младите за активно учество во креирање на политиките на локално ниво. Целта на овој проект е да им помогне на младите да осознаат преку практични примери, преку учество во работењето на општините и Советите, како да ги реализираат нивните идеи.

До крајот на септември оваа година, во Пелагонија, со дополнителна финансиска поддршка и од проектот „Зајакнување на младите од Пелагонија“ ќе бидат отворени две фитнес зони за рекреација на отворено, во Могила и Новаци, ќе бидат уредени два парка во Демир Хисар и Кривогаштани, ќе биде уредено спортското игралиште во Лажани, општина Долнени, ќе биде опремено „Кино на отворено“ во Крушево а во Преспа ќе се формира Младински Хаб за промоција на туризмот.

Овој проект доколку се отслика на национално ниво со неговата имплементација и реализација би имало голема придобивка за сите млади кои сакаат да вложуват во нивниот раст и развој во Македонија. Проектот треба да биде апел и за останатите организации во државата, да вложуваат во младите кои се движечка сила во нашата земја, сѐ со цел да се задржи добар и квалитетен кадар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.