Дамјан Димовски од СУГС „Јосип Броз Тито“ Скопје и Леонид Петковски од Куманово се годинашни победници во финалните натпревари за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional, од проектот за унапредување на дигиталната писменост на младите од 13 до 22 години, кој седма година по ред се одржува во организација на CertiAdria, со поддршка на Град Скопје.

Националните шампиони, Димовски и Петковски, ќе ја претставуваат нашата земја на светските натпревари Microsoft Office Specialist (MOS) и Adobe Certified Professional (АCP) во Орландо, Флорида, САД.

Учесниците кои успешно ги положија испитите се стекнаа со глобално признаени Microsoft и Adobe сертификати.

Од „Семос едукација“ посочија дека овој проект им овозможува на учениците бесплатно да ги полагаат испитите и да се стекнат со меѓународни и глобално признаени сертификати, што им го отвора патот за нивен понатамошен развој како во академската така и во професионалната кариера.

– Поддржувачите исто така ги покриваат патувањето и престојот на националните шампиони на светските натпревари во САД. Стопанска Банка, Град Скопје, Општина Куманово и Семос Едукација ја поддржуваат и промовираат дигиталната писменост кај младите генерации, истакнуваа од Семос Едукација.

Оттаму, информираа дека веќе од следниот месец почнуваат тестирањата за следниот циклус на националните MOS/ACA натпревари 2023/24.

На прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите присуствуваше градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која им честита на победниците.

-Голема мотивација е кога гледаме позитивни примери меѓу младите кои слободното време го користат да се надградат себеси, да вложуваат во себе, во своето образование, но и во тоа да се приспособат на новите дигитални трендови, рече Арсовска.

На настанот присуствуваа и Стефан Пепоски, директор на Секторот за картични производи и директно банкарство во Стопанска Банка, Марко Серафимовски, директор на CertiAdria и Валентина Тасева, генерален директор на Семос Едукација.

Директорот на CertiAdria забележа дека пандемијата, покрај негативните последици, има и една позитивна, а тоа е дека успеа до максимум да ги забрза процесите на дигитализација и потребата од дигитална писменост на сите нивоа.

– Во оваа 2023, но и годините кои следат уште повеќе ќе се потенцира потребата од вештини кои ќе им ги отворат на младите генерации вратите на глобалниот пазар на трудот. Сè поинтензивна е употребата на технологиите во секој сегмент од нашите животи и на сите нас ни преостанува да работиме на себе за да се подобруваме, но уште поважно, да ги искористуваме технолошките потенцијали во насока на подобар живот за сите генерации. Ова не е само право на избор, туку наша реалност и неопходност, посочи Серафимовски.

Директорот на Секторот за картични производи и директно банкарство во Стопанска Банка АД Скопје, Стефан Пепоски, изрази надеж дека учениците ќе продолжат да инвестираат во својата едукација и  иднина и дека ќе бидат дел од локалните решенија и успешни приказни со кои ќе се движи државата напред. Тој нагласи дела вратите на Стопанска банка АД – Скопје се отворени за такви кандидати за идно вработување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.