Викендов во Дојран се одржа четвртиот модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование на тема „Геополитички импликации на војната во Украина: улогата на ЕУ и НАТО во регионот на Западен Балкан“, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија.

На четвртиот модул поздравни обраќања и завршни согледувања имаа проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, советник на претседателот за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања и вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Даниела Поповска, член на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование и координатор на проекти при Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија.

За актуелните безбедносни предизвици и перспективи на Македонија и регионот во време на војната во Украина, се обрати помошникот на директорот на Агенцијата за разузнавање на Република Македонија. 

Пред учесниците на четвриот модул на Школата за политики денеска се обрати шефот на делегацијата на Европската унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, кој говореше на тема „Предизвици на политиките за проширување на ЕУ – реалност наспроти очекувања“.

Професорите Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на УКИМ, Стефан Сурлиќ од Факултет за политички науки – Белград и Јоргос Кристидис од катедрата за балкански, славистички иориентални студии при Универзитет „Македонија“ во Солун, одржаа предавања на тема „Билатерални договори во регионот – привремени решенија или трајно решавање на долготрајни отворени билатерални спорови“.

Учесниците на четвртиот модул имаа можност да дискутираат и за регионалните спорови во склоп на процесот на европската интеграција на регионот, која беше и тема на која се обрати Зоран Нечев од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

За местото и значењето на ефективниот мултилатерализам во време на глобални предизвици, пред учесниците говореше амбасадорот Пајо Авировиќ, специјален пратеник на претседателот при Постојаниот совет на Меѓународната организација на Франкофонијата и директор на Директоратот за мултилатерални односи и безбедносна соработка во Министерството за надворешни работи.

Воедно, учесниците на модулот беа вклучени во работилницата „Кинеското влијание во Западен Балкан: Лост или кочница во приближувањето кон ЕУ?“, која ја водеше Ана Крстиновска од НВО „ЕСТИМА“.

 

Школата за политики се одржува трета година по ред, во соработка со партнерските фондации и организации кои се дел од Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование: фондацијата „Фридрих Еберт“ за Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, фондацијата „Конрад Аденауер”, фондацијата за демократија на Вестминстер во Македонија и Националниот демократски институт (НДИ).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.