Единаесет млади научници како дел од Програмата за поддршка на млади еколози Д-р Љупчо Меловски, успешно спроведоа 11 научно истражувачки проекти. Станува збор за проекти кои се занимаваат со истражување на биолошката разновидност, но и проекти од областа на заштита на животната средина и кревање на јавната свест, соопштија од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Младите научници, во присуство на своите колеги и дел од менторите, во просториите на МЕД ги презентираа извештаите од своите реализирани проекти.

Во текот на 2022 и 2023 година беа реализирани два истражувања како дел од Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“.

Д-р Драган Арсовски кој е раководител на Програмата за поддршка на млади еколози, истакна дека е горд што младите еколози успешно ги реализираа своите грантови.

И покрај тоа што во текот на целата година, има толку многу активности кои се потребни за да се реализираат сите овие грантови, на крајот кога младите грантисти ќе ги презентираат своите извештаи, сум екстремно горд за успешно завршената работа. Мислам дека енергијата која ја инвестирам во поддршка за реализирање на грантовите, навистина вреди и допринесува за научната работа во Македонија, вели Драган Арсовски од МЕД.

Дел од оние кои реализираа мали грантови, во следните две години добија шанса да реализираат и среден грант.

На настанот присутни беа и новите грантисти од Програмата за поддршка на млади еколози, кои во идните две, односно една година ќе ги реализираат своите грантови.

Македонското еколошко друштво отсекогаш било место на собирање на младите научни умови од екологијата, и активно работи на екуцирање на младите. Преку Мрежата за искуствено учење стотици ученици имаат можност да учат за природните науки, преку експерименти кои сами ги спроведуваат, секако под менторство на спроведувачите на работилниците. Тимот на МЕД е горд што во македонското општество постои голем потенцијал за научно истражувачка дејност.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.