Утрово во Фанар, во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија, посветен на светиот Георгиј Победоносец, се одржа празнична Божествена Литургија по повод именденот на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. На богослужбата молитвено присуство имаа и Архиепископот Стефан, митрополитот Тимотеј, митрополитот Петар, како и епископот Климент и епископот Партениј.
Храмот на Победоносецот беше исполнет со огромен број на гости, меѓу кои многумина од Македонија.
Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на Православната Црква. Сега е јасно колку Вашето добротворство за нашата Охридска Архиепископија, се покажа, всушност, како Ваш најнов принос пред Сељубивиот Бог – како долично дело за таткото на Православните. А ние, скромните Ваши чеда, можеме да Му заблагодариме на Бога, покрај за споменатата милост, ете – и за тоа што сме удостоени да бидеме современици на Вашата личност и на Вашите дела за доброто на Црквата и што ја имаме можноста да се радуваме и да се утешуваме од Вашиот подвиг на „добро стоење“, на автентично последување и себепрегорно, дури до мачеништво, исповедање на канонскиот и свештен поредок на Православната Црква – потенцираше архиепископот Стефан.
Верниците кои беа дојдени за денешната и за службите овие денови, носеа цвеќе кое му го подарија Патријархот Вартоломеј честитајќи му го именденот.
На крајот од богослужбата, епископот Антаниски со неговото братство и сестринство, на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј му подари архиерејска панагија, во чест на неговиот именден и во знак на благодарност за признавањето на Охридската Архиепископија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.