Остатоци од две лица се пронајдени во урнатините на Помпеја, античкиот римски град кој исчезнал во ерупција на вулканот Везув пред 2.000 години. Како што соопшти италијанското Министерство за култура, скелетите се пронајдени во Куќата на чесните љубовници и најверојатно се на двајца мажи на возраст од 50 години кои загинале во земјотресот што ја придружувал ерупцијата.

Директорот на Археолошкиот парк Габриел Цухтригел изјави дека тие не загинале од вулканска пепел, туку од уривање на ѕидовите, чии фрагменти биле пронајдени меѓу нивните згмечени коски.

Современите техники на ископување ни помагаат подобро да го разбереме пеколот што ја уништи Помпеја за два дена, убивајќи ги жителите“, вели германскиот археолог.

Околу 13.000 луѓе живееле во Помпеја, околу 23 километри југоисточно од Неапол, до 79-та година, кога вулканот еруптирал со сила еднаква на многу атомски бомби. Најмалку 15 до 20 проценти од населението загинале. Во последните два и пол века, археолозите пронајдоа останки на повеќе од 1.300 жртви.

Локалитетот Помпеја е откриен дури во 16 век и денес е место на големи археолошки активности во обид да се запрат годините на запоставување и распаѓање, што е можно благодарение на финансискиот проект од 105 милиони евра од Европската Унија.

Италијанскиот министер за култура Џенаро Санџулијано изјави дека конзерваторските работи и понатамошните истражувања продолжуваат.

Откривањето на овие два скелета ни покажува дека имаме уште многу да истражуваме, да спроведеме уште многу ископувања и да пронајдеме уште многу остатоци од огромното богатство за истражување“, изјави Санџулијано .

Помпеја е впишана на листата на светско наследство на УНЕСКО и е втора најпосетувана туристичка дестинација во Италија по Колосеумот во Рим.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.