Со македонскиот пасош може без виза да се патува во 124 држави во светот, со што тој е рангиран на 33-то место на листата изработена според индексот на патни исправи „Артон Капитал“, со кој се опфатени пасошите на 193 земји членки на Обединетите нации и плус на Ватикан, Косово, Тајван, Макао, Хонг Конг и палестинските територии.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според овој индекс, Србија е на 25 место бидејќи нејзините граѓани можат без виси да посетат 134 земји, Црна Гора го дели 33-то место со земјава со можност за патување во 124 држави, Босна и Херцеговина е на 41 место, со чиј пасош може слободно да се влезе во 116 земји, а Косово е на 82 место.

Јапонија, Сингапур и Јужна Кореја се трите земји со „најмоќни пасоши“, бидејќи нивните граѓани можат да патуваат во сите земји во светот без виза.

Земји со „најмоќни пасоши“ во Европа се Германија и Шпанија, со чии патни исорави може без виза да се патува во 190 држави, а потоа следат Финска, Италија и Луксембург со „слободен влез“ во 189 земји.

Австрија, Данска, Холандија и Шведска се на делба на петтото место, додека Франција, Ирска, Португалија и Велика Британија го делат шестото место. Нов Зеланд и САД се на седмото, веднаш по нив како осмопласирани се Белгија, Норвешка и Швајцарија.

Граѓаните на Авганистан повторно се на дното на листата со најслаб пасош, бидејќи можат да патуваат само во 27 земји откако ќе поднесат барање за виза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.