Бракот склучен во престапна година кратко ќе трае – верување што постои толку одамна, што никој не знае зошто и од каде произлегува. Веројатно, старите Македонци вака сакале да си ја објаснат или да ѝ дадат значење на годината со еден ден повеќе.
Според едно предание, пак, суеверието што и денес им прави шубе на идните невести, го почнала мајка што сакала уште една година да си ја чува ќерката дома.
Во минатото, за венчавки или за свадби се чекало до следната година, а доколку младоженците немале време за чекање, како што бил случајот со печалбарите, за да не ги бие малер на свадбата принесувале леб или погача месени со брашно од минатата година.
За црквата ова суеверие отсекогаш било само тоа – суеверие. Отец Бобан од Македонската православна црква вели дека престапната година е таква само поради бројот на деновите, ништо повеќе и нема никакви импликации врз основа на црковниот или на духовниот живот.
Сите работи си се прават нормално, како и во сите други години. Тоа е суеверен став, кој произлегува од суеверието на луѓето. Во престапната година и се венчава и се крштава и се прават сите работи што ги правиме и во годините што не се престапни. Ако одиме по таа логика, зошто би се одзела само венчавката и крштенката, зошто не би се одзеле и некои други свети тајни, кои ги извршуваме или некои други чинодејствија. На пример, како опелото, погребението на мирјаните, тогаш сето тоа би требало да се скока и да не се прави, вели отец Бобан.
Но, и покрај тоа што свештениците на секоја идна брачна двојка ѝ објаснуваат дека тоа е чисто суеверен став, кој нема никаква врска, никаков контекст со преданието, учењето и верувањето на црквата, и денес се гледа пад на бројот на венчавките во престапна година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.