Принцот Хари влезе во историјата на Високиот суд во Лондон вчера, како прв претставник на едно британско кралско семејство кој сведочел пред суд, за последниве 130 години.

Помладиот син на кралот Чарлс Трети е засегнат во случајот против издавачот „Мирор груп њуспејперс“ (Mirror Group Newspapers – МГН). Хари (38) и над 100 други лица тврдат дека новинарите од британскиот „Дејли мирор“ (Daily Mirror), „Сандеј мирор“ (Sunday Mirror) и „Пипл“ (The People) користеле незаконски методи – вклучително и хакирање говорни пораки од семејството и пријателите, за да добијат информации за своите написи меѓу 1991 и 2011 година. МГН призна дека објавувале приказни засновани на хакирање телефони, но не и дека го хакирале телефонот на Хари.

Адвокатите на МГН ги отфрлија наводите дека телефонот на Хари бил хакиран поради приказната за кавгата што ја имал со поранешната девојка Челси Дејви ноќта кога ја носел контроверзната „нацистичка униформа“ на забава, кога тој имал 20 години. Во написот се тврди дека Дејви „воопшто не била среќна“ за костимот. Додека Хари тврдеше дека неговиот телефон мора да бил хакиран за да се дојде до тој податок, адвокатот на печатот тврди дека изворот за приказната бил вујкото на Дејви.

Принцот Хари се повлече од кралските должности во 2020 година и се пресели во САД со неговата сопруга Меган Маркл, застана пред Судот вчера, и со тоа стана првата британска личност од кралско семејство што го сторила тоа од 1890-тите досега.

Тој сведочеше дека „искусил непријателство од печатот уште од раѓањето“, како и дека „жолтиот печат“ одиграл „деструктивна улога“ во неговото растење, на начинот на којшто тоа влијаело и на неговата почината мајка, принцезата Дијана. Хари рече и дека наводното хакирање на телефонот го направило „параноичен и неспособен да им верува на луѓето“, па тоа влијаело и на неговите односи, вклучително и со неговиот брат, принцот Вилијам, а и оти ја прекинал врската со Дејви.

Тоа е, вели, и причината поради што тој го напуштил Обединетото Кралство, т.е. „постојаниот упад, поттикнување омраза и вознемирување од страна на жолтиот печат во секое гледиште од нашиот приватен живот“, како што подробно се опишува во изјавата на сведокот од 55 страници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.