По кусо боледување денеска во Скопје почина Петар Ѕалев, долгогодишен новинар и уредник на Македонската радио-телевизија. Ѕалев e роден во Битола во 1959 година. Дипломирал новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а сиот работен век го поминува во Јавниот радиотелевизиски сервис.

Во неговиот богат авторски и новинарски опус, Ѕалев работи и уредува во стопанската редакција на тогашната Телевизија Скопје, а потоа и во Македонската телевизија.

Уредник е на Внатрешно-политичката редакција, а во 2009 година е назначен за одговорен уредник на Информативната редакција на Првиот програмски сервис на Македонската телевизија.

Бил и советник на извршниот директор на Македонската радиотелевизија, позиција од која заминува во пензија во 2023 година.

Петар Ѕалев е сведок на многубројните промени во јавниот сервис од независноста на државата.

Ќе остане запаметен меѓу колегите по ведриот и колегијален дух, професионалноста со постојана подготвеност за објективно и навремено информирање на јавноста.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.