Истражувачи од јапонскиот Универзитет Јамагата, со помош на дронови откриле 168 нови геоглифи во пустината Наска во Перу. Околу 50 од овие големи цртежи прикажуваат хуманоидни фигури, а другите се на птици, китови убијци, мачки и змии. Некои се само обични линии или трапезоидни цртежи.
Тешко е да се каже кога се создадени цртежите, но садовите од глина пронајдени покрај цртежите потекнуваат од периодот помеѓу 2 век п.н.е. и 2 век од нашата ера.
Со најновите додатоци откриени од јапонските истражувачи, официјалниот број на познатите цртежи од Наска сега изнесува 358. Многу од старите цртежи се на рамен терен, што ги прави тешко да бидат пронајдени. Со оглед на тоа што линиите се создадени со отстранување на камења и остатоци за да се открие контрастната обоена почва одоздола, ерозијата само го отежнува нивното откривање. Во таков случај се користат дронови.
Дроновите им овозможиле на експертите да ги видат линиите на Наска со поголема јасност од кога било досега. Некои од информациите што ги собираат истражувачите, дури се анализирани со програми за вештачка интелигенција кои можат да издвојат различни модели побрзо и посигурно од човечкото око.
Линиите на Наска се една од најинтригантните мистерии во историјата, а откривањето на повеќе од нив можеби ќе го доближи човештвото до сфаќање на нивната цел. Од некоја необјаснива причина, помеѓу 500 п.н.е. и 500 година заедниците во јужниот дел на Перу почнале да цртаат едноставни линии, форми и фигури во пејзажот, од кои многу може да се видат во целост само од птичја перспектива.
Линиите се толкуваа на многу начини во текот на децениите, но најчестото објаснување е дека тие биле наменети за боговите на небото кои гледаат одозгора на луѓето. Друга популарна теорија сугерира дека овие фигури и цртежи биле наменети за ритуални астрономски цели и некако ги рефлектирале ѕвездите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.