Од денеска до крајот на август Охрид ќе пулсира во знакот на спортовите на вода, преку настаните и содржините на второто издание на големата промотивно-спортска манифестација „Ohrid Water Festival“.

Целта на фестивалот на вода е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во земјава.

Како што посочи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, концептот штој беше успешно реализиран минатото лето прераснува во една платформа за промоција на природната убавина на градот и езерото и спортска традиција што ги отвора вратите кон нови спортски авантури.

– Сите напори и целиот труд околу подготовка на програмата ја потврдуваат заедничката посветеност и ја покажуваат големата љубов кон водените спортови. Нашето езеро, со своите кристално чисти води и уникатни пејзажи овие денови ќе прерасне во арена за 20 возбудливи спортски настани. Секој од нив ќе биде уникатно доживување кое ќе ги исполни очекувањата на публиката, рече Пецаков на денешната прес-конференција свикана по повод манифестацијата.

На презентацијата на програмата и содржините на Фестивалот на вода, покрај спортските настани, предвидени се и богати социјално-едукативни содржини со низа интересни и забавни активности, што ќе се одвиваат на платото пред хотелот „Палас“.

– Целта е да се создаде атмосфера која ќе го привлече вниманието на секој посетител и ќе ги поттикне сите генерации да уживаат во оваа манифестација, рече Пецаков.

Јоне Станкоски од Организацискиот одбор на Фестивалот на вода посочи дека се работи за стратегиски проект што на Охридското Езеро ќе ги врати подзаборавените спортови на вода што отсекогаш биле белег на градот.

– Оваа година на манифестацијата има повеќе од 20 настани од спортско-рекреативен карактер, од кои повеќето се од меѓународен карактер. Во деновите што следат охриѓани и гостите ќе можат да проследат регати во кајак, веслање, трки во пливање, суп-трки, пливачки митинг, регата од Европскиот куп во едрење, но и водени лудории, трки со педалинки и табланет под вода, рече Станкоски.

Во рамки на програмата на Фестивалот се предвидени и бројни едукативни содржини, изложби.

Целата манифестација ќе биде збогатена со забавна програма, со презентации на традиционална храна и локални специјалитети, настапи на ди-џеи, концерти на познати уметници за сите генерации, од „Златно славејче“ преку настапи на ученици на Општинското музичко училиште, до концертите на „Суперхикс“, Наум Петрески и други.

Круна на целата манифестација и годинава ќе биде Охридскиот пливачки маратон закажан за 31 август.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.