За жал, не треба да се трудиме многу за да увидиме дека денес христијанските морални начела, кои воедно прераснале и во универзални и цивилизациски, се безобѕирно погазени и релативизирани, вели во разговорот за „Машки магазин“, Игуменот на Бигорскиот манастир, Епископ г. Партениј.
Тоа, последователно, причинува хаос во меѓучовечките односи, создава клима на недоверба и алиенација, го разорува најсветиот сојуз во општеството – бракот. А, без брак, во христијанска смисла, без таа свештена заедница врз која почива севкупното устројство и благоуспевањето на едно општество, следствено и на човечките единки, не би можеле да говориме за нешто хумано, здраво, сериозно. Погледнете околу вас и веднаш ќе воочите колку многу се намножиле разните психички аномалии и страданијата меѓу луѓето, почнувајќи од анксиозност и панични напади, па до најтешки видови на депресија. Главната причина за ова лежи во отстранувањето и во напуштањето на Божјиот закон на општо ниво. Едноставно, не може човек да живее со пркос кон Христовите повеленија за љубовта, за чистотата, за скромноста и за воздржливоста, а да биде внатрешно исполнет и среќен. Како што вели познатиот современ Светија на православната Црква, Преподобниот Паисиј Светогорец: „Денес луѓето имаат сè, но имаат и тага, затоа што Го немаат Христа“. Како заклучок од сето ова, мојата порака кон православните мажи е најнапред да се утврдат себеси во „познавањето на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мерата на полната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4,13), како што нè советува сите Светиот Апостол Павле, но и свето да го чуваат христијанскиот брак, кој не е правна спогодба меѓу две единки, туку, пред сѐ, Божествена институција. Всушност, бракот помеѓу еден маж и една жена, каков што го знаеме со векови, е цивилизациска придобивка токму од Христијанството. Затоа и треба да го сочуваме, доколку сакаме да ја спасиме и да ја запазиме нашата цивилизација. А, ќе го сочуваме единствено преку самопожртвуваната љубов. Истиот Апостол, кој впрочем ги искажал најубавите зборови за бракот, повикува: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефес. 5,25). Истото, се разбира, важи подеднакво и за жените. Значи, Бог ги повикува брачните сопатници да се сакаат меѓусебно со Христовата љубов. Токму таа љубов, Божествената, самопожртвуваната, вистинската и трајната, е одговор и решение за сите проблеми и предизвици. Секако, од голема важност е чувањето на достоинството, растењето и воспитувањето во една благородна, морална и молитвена личност, во ерудиција и, особено, во добродетелта на воздржанието, која е одговор за многуте пороци на денешнината, вели епископот.
Зборувајќи за љубовта како врховно животно начело, Партениј вели дека не би можел ништо поумно и повозвишено да додаде, освен да ги повтори зборовите на Божествениот Павле, кој говорејќи за воплотената Љубов, за Христос Бог, вели:
„Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува; сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува. Љубовта никогаш не престанува…“ (1. Кор. 13,4-8). А, дека Бог несомнено е љубов, пишува и Апостолот на Љубовта, Свети Јован Богослов, кој видел и сведочи дека „Бог е љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога и Бог – во него“ (1. Јован. 4,16). Така, љубовта, вистинската, духовната, пожртвуваната, е знакот според кој биваат препознаени автентичните Христови следбеници. Самиот Он вели: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13,35). Накрај, љубовта ќе биде и знакот според кој Господ ќе нè препознава за вечноста.
Целото интервју на „Машки магазин“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.