Можеби за некого звучи неверојатно, но постои место каде што на автомат за брза храна можете да купите месо од дива мечка.

Автоматите за брза храна во Јапонија, каде што можете да купите готови оброци со месо од кит, полжави или јадливи инсекти, неодамна им понудија на клиентите и месо од дива мечка.

Различни парчиња од локалната црна мечка се продаваат во машини за брза храна во градот Сембоку, а тие нудат мрсно или посно месо од мечка по цена од 2.200 јени (околу 15,5 евра) за порција од 250 грама, пишува јапонскиот дневен весник „Маиничи Шимбун“.

Азиските црни мечки се класифицирани како загрозен вид, но локалните власти во градот Сембоку, што се наоѓа во префектурата Акита во cеверна Јапонија, велат дека го ограничуваат и контролираат бројот на животни што можат да бидат застрелани, пренесува „Би-би-си“.

Машините за брза храна, кои припаѓаат на локалниот ресторан „Соба Горо“, продаваат 10-15 пакувања месо од мечка неделно, а месото доаѓа од животни кои биле застрелани од локални ловци во блиските планини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.