Кристин Давуд, мајка на Сулејман Давуд, 19-годишникот кој загина со својот татко на „Титан“, рече дека првично планирала да му се придружи на сопругот на судбоносното нуркање на подморницата, но наместо тоа го пуштила нејзиниот син.

Британско-пакистанската брачна двојка резервирала места на подморницата, а бидејќи нивниот 19-годишен син имал голема желба да оди со својот татко да го види потонатиот брод Титаник, Кристин му го отстапила местото на синот, потврдила за БиБиСи.

Бев многу среќна за нив затоа што и двајцата навистина сакаа да го направат тоа многу долго време – рече Кристин, тврдејќи дека првичното патување всушност било откажано поради пандемијата COVID-19.

Кристин и нејзината ќерка биле на бродот Polar Prince кога подморницата нурнала во морето. Давуд рече дека таа и нејзината ќерка Алина се гушкале и се шегувале со сопругот и синот пред двајцата да се качат во подморницата Титан на Денот на татковците.

Како што вели таа, нејзиниот син сакал да  решава Рубикови коцки, па зел една со себе на патувањето со подморницата.

– Ќе ја наместам Рубиковата коцка на 3700 метри под морето – и рекол Сулејман на мајка си пред кобното патување.

Многу, многу ми недостигаат – рече Кристин, чија изјава е во спротивност со тврдењата на тетката на Сулејман Давуд, Азмех Давуд, која за NBC News изјави дека тинејџерот бил преплашен и решил да му се придружи на својот татко на патување до потонатиот брод Титаник за да го импресионира.

Да потсетиме, тетката на починатиот тинејџер првично тврдеше дека тој воопшто не сака да оди на подморницата и дека ужасно се плашел од патувањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.