Соња Тасевска, мајка на 8-годишниот Душан од Кавадарци, момчето кое откако со автомобил управуван од неговиот татко паднаа во бездна длабока 22 метра, и повика помош на 112, телефонскиот број за итни случаи, бара помош од хуманите граѓани. Настанот кој ја вознемири јавноста се случи пред пет дена, на патот Дреново – Кавадарци, а благодарение на повикот на момчето, животите им беа спасени на време.

Како што раскажува мајката за „Фокус”, и биле потребни парични средства, или пак донации од сокови, витамини, храна и играчки за детето, кое по страотната сообраќајка сега се наоѓа на домашно лекување.

Нема место за срам, во незавидна состојба сум, морав да побарам помош од хуманите граѓани. Јас сум вработена во фабрика во Кавадарци, сопругот, кој се здоби со скршеница на рбет и повреди на главата се уште е во болница. Иако е вработен во судската администрација, тој се уште нема примено плата, касни и мојата плата, а имам големи трошоци периодов. Душан помина со скршена рака и со нагмечувања, но благодарна сум што детето ми е живо, ќе го пребродиме ова заедно. Тој уште е вознемирен од настанот, му се враќаат слики, плачлив е. Автомобилот со кој се случи несреќата не беше наш, па на сите трауми и немили ситуации, јас подигнав кредит, бидејќи морав да му ја платам штетата на човекот кој е сопственик на автомобилот.

Ми требаат лекови за детето, витамини, сокови, здрава храна, не знам како да најдам и каде да се обратам. Затоа замолувам јавно, доколку има хумани граѓани кои можат да ми излезат во пресрет, да помогнат во овој тежок период – раскажува Соња.

Околу тоа како осумгодишното дете го знаело телефонскиот број за итни случаи, и се сетило во тие моменти, додека лежело пригмечено во автомобилот, под таткото кој бил без свест, да побара помош, таа вели дека во минатото дома имале расправии, и се случило на тој број и претходно да побараат помош. Повеќе детали не сакаше да открива и вели дека сега е најважно Душан да ги надмине траумите.

Тој е во трето одделение, горди сме што во тие моменти изреагирал така, што повика помош. Сега, многу се грижи бидејќи знае дека автомобилот со кој се случи несреќата не беше наш…

Се надевам дека оваа немила ситуација ќе ја надминеме, нема што да се криеме, Кавадарци е место каде сите се знаат, токму затоа и верувам во солидарноста на народот. Работиме за минимална плата, ни се случија овие настани кои мораме некако да ги пребродиме. Ќе бидам благодарна доколку граѓаните ни помогнат – истакна мајката.

Сите хумани граѓани и општествено одговорни компании кои се во можност, можат да донираат на следната сметка:

300007078447675 Комерцијална банка, со назнака донација за Соња Тасевска, или пак да се јават на нејзиниот телефонски број 075 216-871, доколку сакаат лично да и однесат помош.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.