Македонската православна црква-Охридска архиепископија викендов ќе изврши канонизација за светител на игуменот лешочки и народен просветител Кирил Пејчиновиќ како Свети Преподобен Кирил Лешочки. Канонизацијата ќе се изврши денеска и утре во Лешочкиот манастир и во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“.

За црковното и просветителско дело на Пејчиновиќ се учи уште во основното образование, а за неговиот живот, покрај бројните написи, дознаваме и од камената плоча на неговиот гроб, која самиот ја изделкал и го напишал познатиот епитаф, на кој преку стихови го опишува својот животен пат. Но, малкумина знаат дека откако починал во 1845 година, посмртните останки на Пејчиновиќ четири пати биле откопани и преместени.

Илија Петрушевски, кој е родум од Лешок и е голем познавач на неговата историја, за што има објавено и повеќе книги, раскажува како во изминативе 177 години моштите на Пејчиновиќ биле преместувани од едно на друго место.

Јеромонахот Кирил починал на 12 март 1845 и тогаш бил погребан 30-35 метри југозападно од црквата. Ова се најраните познати пишани податоци кои ги дава Атанас Шопов, кој Лешочкиот манастир го посетил во 1888 или 1889 година, педесетина години по смртта на Кирил. Вториот запис за гробот на Кирил го запишал Ѓорче Петров. Според него, гробот се наоѓал ‘на крајот на ливадата‘, што се совпаѓа со податокот што го дал Шопов. Следните податоци за тоа каде се наоѓа гробот се од Л. Серафимов. Тој го посетил манастирот во 1900 година. Во еден запис забележал дека гробот на убиениот лешочки егумен Езекил се наоѓа до гробот на Кирил Пејчиновиќ, а во вториот запис забележал дека гробот на Кирил се наоѓа до втората влезна врата. Лешочкиот егумен Езекил бил убиен на 30 jуни 1898 и бил погребан северно од конакот, каде што и денес почива. Скопскиот егзархиски митрополит Синесеј дал предлог останките на Кирил заедно со епитафот и крстот да се пренесат до гробот на Езекил. Ова претставува второ Кирилово погребание“, зборува Илија Петрушевски, кој за ова, но и за други настани од историјата на Лешок, пишува во неговата најнова книга „Лешаните и Лешочкиот манастир за историјата на Македонија и Македонците“, која ја објави заедно со Митко Поп Спироски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.