За католичките верници денес е голем ден. Се одбележува Христовото Раѓање-Божиќ. Централната прослава во Македонија по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед по повод празник Божик.
– Драги браќа и сестри! „И Словото стана тело и се всели меѓу нас“ се зборови на свети Иван евангелист, што многу често ги изговараме во молитвата Ангел Господов. Станува збор за божественото Слово, Логосот, Синот Божји, кој е единосуштен со Отецот и кој е поврзан со Него во единството на Светиот Дух. Ова Слово, кое е од векови и според кое е создадено сè што живее и постои, се воплоти и се всели меѓу нас. Бог ја зеде човечката природа и стана еден од нас за да ни биде блиску и да не поврзе уште поблиску до себе, откако по наша вина се оддалечивме од Него. Бесмртниот Бог ја зеде човечката природа, зеде лик на слуга, за да нè направи негови синови и ќерки, кои бевме слуги на гревот и поради кои бевме предадени на смртта“ рече Бискуп Стојанов.
Бог доаѓа во светот како Дете. Дали ќе го примиме Божјиот Син? Дали ќе го примиме Детето Исус кое се наоѓа во јаслите и кое сака да нè обдари со својата љубов? Можеби ќе кажеме: Тоа секако го правиме, затоа што го празнуваме празникот Рождество Христово – Божиќ! Но, примањето на Исус бара повеќе: Треба вистински да веруваме во Спасителот на луѓето. Верата е непоколебливост на нештата на кои се надеваме, убедување во работи што не ги гледаме. Верата значи прифаќање на сведоштвото на Бога кој не сака и нема да нè изневери, бидејќи Бог е вистински и свет. Кој верува, тој се надева на Бога безусловно. Тој е подготвен да му го даде животот, да се потопи во него со сите нишки на неговото срце. Дали сме подготвени за таква вера во воплотениот Божји Син?
На сите ви посакувам среќен празник Рождество Христово – Божиќ и благословена Нова Година! Христос се роди!, вели во божиќната честитка бискупот скопски и епарх струмичко – скопски Киро Стојанов.
Иако православни држави сепак денес Божиќ го слават Бугарската, Романската, Грчката Грузиската и од неодамна Украинската православна црква кои се водат според Грегоријанскиот календар. Македонската заедно со Руската и Српската црква сеуште се водат според Јулијанскиот календар и Божиќ ќе се одбележи на 7 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.