Метеоролошките станици во државата покажуваат дека годинашниот јули бил натпросечно топол и влажен. Споредено со тридеценискиот период, од 1981-ва до 2010 година, температурата била за 0,7 степени целзиусови повисока од просекот, додека месечната сума на врнежи била 16 милиметри или 41 отсто над просечната.
Апсолутното температурно колебање беше 37,8 степени, а месечното 10,5 степени и се движеше од 17,2 во Лазарополе до 27,7 степени во Гевгелија. Споредено со просечните јулски средномесечни температури за периодот од 1981-ва до 2010 година, годинашната температура беше натпросечна за 0,7 степени на ниво на државата. Средната максимална температура варираше од 24,4 степени во Маврово до 35,1 во Гевгелија. Највисоката максимална температура беше измерена на 24 јули во Гевгелија и изнесуваше 41,6 степени. Средната минимална температура варираше од 9,8 во Лазарополе до 19,5 во Гевгелија. Најниската минимална температура беше измерена во Лазарополе на 12 јули и изнесуваше 3,8 степени, соопшти УХМР.
Според УХМР, колебањето на месечната сума врнежи во јули 2022 изнесуваше 109 милиметри и се движеше од 18,5 во Гевгелија до 127,7 милиметри во Берово.
Врнежите беа од дожд и град. Максимално дневно количество на врнежи од 50,9 милиметри беше регистрирано во Берово на 29 јули. Споредено со јулската просечна вредност за периодот 1981 – 2010 година, измерената месечна сума на врнежи беше 16 милиметри или 41 отсто над просечната, информира УХМР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.