Осум лица починаа откако испиле домашен алкохол во иранскиот град Бандар Абас, објавија локалните медиуми.
Уште 51 лице завршиле во болница поради труење со алкохол, изјави докторката Фатемех Норузиан. Седумнаесет се во критична состојба и се на одделението за интензивна нега, додека 30 се на дијализа, пишуваат медиумите.
Полицијата соопштила дека уапсила осум лица под сомнение дека произведувале и дистрибуирале алкохол. Имено, во оваа држава производството, продажбата и консумирањето алкохол е строго забрането, со исклучок за одредени верски малцинства, анализираат информативните гласила.
Казната за консумирање алкохол е 80 удари со камшик, пишува Би-Би-Си.
Официјални лица во Бандар Абас досега не ја идентификувале токсичната супстанција пронајдена во домашниот алкохол, но во последниве години стотици Иранци, според написите, починале откако конзумирале пијалоци со смртоносно ниво на метанол.
Поради погрешното верување дека пиењето или гаргарањето со алкохол може да спречи инфекција од Ковид-19, труењето со метанол се зголеми на почетокот на пандемијата во Иран, се наведува во извештаите на тамошните медиуми.
Тие потсетуваат дека во април 2020 година, Министерството за здравство објавило дека повеќе од 500 лица починале од труење со алкохол во период од три месеци, а за 5.000 лица било потребно лекување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.