На иницијатива на Синдикалната организација на Народната банка, во соработка со нивните колеги од СФОМ и синдикалните организации на деловните банки, е организирана донаторска акција за подобрување на условите за настава за децата од селото Дреновци.
Како што соопшти Народната банка, нивните вработени масовно се вклучиле и одговориле на повикот за донација кој бил поттикнат од новинарска сторија за тешките услови во кои живеат и учат децата во ова мало прилепско село.
Училишниот прибор и опрема коишто беа собрани за време на донаторската акција им беа предадени на учениците и наставниците од селото Дреновци, при нивната посета на Народната банка, во чии рамки тие го посетија и Музејот на Народната банка, каде што имаа можност да ги видат најстарите монети коишто се дел од нашето вредно културно наследство. Учениците и нивните наставници се сретнаа и со вработените од централната банка кои работат во доменот на финансиската едукација, кои накратко им пренесоа дел од знаењата за функционирањето на финансискиот и банкарскиот систем на нашата земја, соопштија од Народната банка.
За време на посетата, групата ученици и наставници се сретнале и со раководството на Банката и во разговор со гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, биле запознаени со работењето на централната банка.
Притоа беа истакнати заложбите на вработените и на институцијата за градење образование коешто отвора можности за развој на секое дете и поединец, како придонес кон поголем економски раст и развој на земјата. Токму финансиската едукација е еден од стратегиските приоритети на Народната банка, при што посебно внимание ѝ се посветува на едукацијата на младите, како носечки столб на иднината на општеството, се наведува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.