Бактерии отпорни на антибиотици се откриени дури и во облаците, носени од ветрот понекогаш на многу долги растојанија, открива француско-канадското истражување, објавено во мартовското издание на списанието „Science of The Total Environment“.

Овие бактерии обично живеат на лисјата или во почвата. Откривме дека ветрот ги носи во атмосферата и дека можат да патуваат долги растојанија, па дури и да ја обиколуваат земјината топка на големи височини благодарение на облаците“, вели водечкиот автор на студијата Флорент Роси за АФП.

За да дојдат до овие заклучоци, истражувачите од Универзитетот Лавал во Квебек и Универзитетот Клермон Оверњ користеле „правосмукалки“ со голема брзина за да ги испитаат облаците што се формирале над Пуј де Дом, неактивен вулкан во централна Франција, во периодот од септември 2019 до октомври 2021 година.

Од атмосферска истражувачка станица лоцирана на 1.465 метри надморска височина, научниците ги анализирале овие примероци за гени за отпорност на антибиотици.

Облаците содржеле меѓу 330 и повеќе од 30.000 бактерии на милилитар вода или во просек околу 8.000 бактерии на милилитар. Кај бактериите исто така се идентификувани 29 подтипови на гени отпорни на антибиотици.

Со широката употреба на антибиотици во здравството и земјоделството, овој тип на сој претставува „голем здравствен предизвик на глобално ниво“, се вели во студијата. Светските здравствени власти постојано ги истакнуваат ризиците поврзани со овие бактерии, кои го прават третманот на одредени инфекции сè покомплексен.

Студијата, сепак, не нуди заклучоци за можните здравствени ефекти од ширењето на бактерии кои носат гени за отпорност на антибиотици, проценувајќи дека само помеѓу 5 и 50 проценти од овие организми може да се живи и потенцијално активни.

Атмосферата е многу сурова за бактериите, а повеќето од оние што ги најдовме беа бактерии од животната средина, со помала веројатност да бидат штетни за луѓето. Сè уште не знаеме дали овие гени можат да се пренесат на други бактерии, вели Флорент Роси, иронично додавајќи дека „Значи, нема од што да се плашите кога шетате на дожд“.

Сепак, Роси сугерира дека длабокото следење на атмосферата може да овозможи да се лоцира од каде доаѓаат овие бактерии и на тој начин да се „ограничи нивното ширење“, земајќи ја како пример анализата на отпадните води за откривање на присуство на корона вирус и други патогени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.