Најзначајниот и најбогатиот со обичаи празник е токму Бадник. Иако тој се смета за христијански празник, народот низ минатото, па и денес го прославува на начин кој тешко може да се карактеризира како христијански.

Повеќето бадникови и божиќни обичаи се темелат на сознанието дека во овие денови почнува новата година и на верувањето дека токму тогаш се одлучува судбината на домот и оние кои живеат во него за наредниот едногодишен период. Скоро сите магиски и култни обреди за овие празници се инспирирани од желбата за посреќна година и напредок во неа. Еве неколку од тие стари, народни обичаи кои сè уште се почитуваат во некои подрачја:

1. Не е убаво на Бадник да се заспие додека не прегори бадниковото гранче, бидејќи некој од станарите ќе умре без предзнак.

2. Кога станарите си легнуваат, бабата или некоја друга постара жена од фамилијата забодува нож во внатрешната страна на вратата или става колач од глог зад вратата и на него закачува малку лук, за станарите да бидат заштитени од уроци, вештерки и нечисти сили.

3. На Бадник ништо не се позајмува од куќата, а ако нешто е позајмено порано, тоа се бара назад, бидејќи не е убаво она што припаѓа во домот да биде надвор од него на Божиќ.

4. Жените на овој ден не треба да работат, т.е. треба да ги „затворат вретената“, бидејќи така ќе им ги затворат устите на ѕверовите.

5. На Бадник не е убаво огнот да се разгорува со дување, за ветрот да не ја одвее пченицата. Наместо со дување во огнот, тој се распалува со лиснати гранки

6. На Бадник, вечерата на стоката се посипува со соја, жито и проја, за животните да се заштитат од болести.

7. После вечерата се редат сите лажици по старост, па чија што лажица ќе падне, тој ќе умре во текот на годината.

8. На Бадник, кога ќе се завршат сите работи, во една чинија се растопува маст и во неа се огледуваат сите станари. Кој што нема да ја види својата глава, тој ќе умре во текот на годината.

9. Во некои овчарски краеви, овчарот на Бадник носел камче под јазикот, бидејќи се верувало дека така на волците ќе им се скаменат вилиците и нема да можат да ги колат овците.

10. Ако е облачно на Бадник, годината ќе биде плодна.

11. Ако на Бадник во огништето има многу пепел, се верува дека зимата ќе има многу снег.

12. Ако на Бадник искрите од огнот излегуваат сами, иако никој не го чепка огништето, се верува дека ќе има многу мед и богатство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.