По кратко боледување, во 66-та година од животот почина познатиот новинар од Охрид Симон Илиевски. Беше еден од доајените на охридското новинарство, со плодна и бурна професионална кариера во која го красеше препознатлив стил на изразување. Како новинар и дописник од Охрид за повеќе редакции остави огромен број новинарски натписи, радио и тв прилози, документарни и и други емисии.
Со новинарство почнал да се занимава уште од средношколските денови пишувајќи во гимназискиот весник „Јужен бран“. По завршување на студиите по новинарство во Скопје, пишувал за „Студентски збор“, белградски „Студент“ загребски „Студентски лист“, словенечките „Трибуна“ и „Катедра“, како и за весникот Младост, а кратко соработува и со Македонската радио телевизија. Дописник бил на радио „Београд 202“, подоцна за „Студио Б“, а текстови објавувал и во познатите весници од времето на поранешна Југославија „Борба“, „Политика“ и „НИН“, а кратко соработувал и со државната агенција Танјуг.
Симон Илиевски беше претседател на Регионалната канцеларија на Здружението на новинари Охрид – Струга до 2010 година кога целосно се повлече од новинарството и почна со работа во службата за односи со јавност во Општина Охрид.
Илиевски беше омилен лик помеѓу новинарите, секогаш духовит и ведар и исклучително почитуван од колегите, несебично пренесувајќи го своето богато искуство на помпадите.
По повод смртта на Симон Илиевски, Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид и Струга, во среда ќе организира комеморација во големата сала на Општина Охрид, со почеток во 10:30 часот.
Посмртните останки на новинарот Симон Илиевски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид во среда, 13 декември од 12 до 12:30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.