Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска учествуваше на третото издание на Самитот РЕДИ, кој се одржа во Скопје.

Вицепремиерот Битиќи ја истакна важноста на инклузивноста во зелената и дигиталната трансформација на економијата, како и потребата од поголема заедничка посветеност во пронаоѓање на иновативни решенија за поголема вклученост на Ромите во овие процеси.

„Владата е цврсто посветена на градење на системска сензибилност кон различностите, кон инклузијата и градењето на едно општество за сите, што беше формализирано со „Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и социјалната кохезија, 2024-2026 година“, како и со Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 година, која беше изработена и усвоена согласно насоките на Стратешката рамка на ЕУ за Ромите. Ова значи дека вредносните патеки кои водат кон ЕУ и инклузија на различностите, се спојуваат една со друга“, рече во своето обраќање вицепремиерот Битиќи.

Тој посочи на важноста на изработката на Националната развојна стратегија 2024-2024 како пример за широко инклузивен процес во кој беа вклучени сите општествени чинители.

„Кога зборуваме за инклузијата, овде е и Националната развојна стратегија 2024-2044 година, која токму, преку инклузивен процес успеа во нејзиното создавање да вклучи над 14 илјади граѓани, претставници од академијата, бизнисот, граѓанскиот сектор и речиси сите политички партии. Оваа Стратегија на вчерашната седница на Владата беше усвоена, по што влегува во собраниска процедура за усвојување. Во нејзината изработка никој не беше изоставен поради своите различни убедувања, верувања, идентитети или припадности, вклучително и Ромите. Создадовме можност и таа можност беше искористена, секој даде свој придонес во поставувањето на дваесет годишната визија за развојот на државата“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој изрази уверување дека Македонија има резервоар на претприемачка и иновативна енергија, скриен сограѓаните Роми, кој за да го ослободиме треба да ги срушиме стереотипите и предрасудите, да ги разбереме различностите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.