„Анатомија на падот“, судска драма во режија на француската режисерка Жастин Трие, ја освои „Златната палма“ на 76. Кански филмски фестивал.

Трие стана третата жена режисер која се закити со престижната награда на фестивалот во Кан. Психотрилерот „Анатомија на падот“ раскажува приказна за успешна и модерна писателка обвинета за убиство на својот сопруг.

Гран при доби филмот „Зона на интерес“ во режија на Британецот Џонатан Глејзер.

Филмот го реконструира семејниот живот на командантот на концентрациониот логор Аушвиц со цел да потсети на тезата за „баналноста на злото“. Застрашувачкиот поглед на идиличниот семеен живот на еден германски офицер стациониран во нацистичкиот логор на смртта е заснован на истоимениот роман на Мартин Амис, кој почина за време на фестивалот.

Почесна „Златна палма“ добија и Мајкл Даглас и Харисон Форд на почетокот на фестивалот.

Саботната церемонија на доделување награди го затвори годинешниот фестивал на кој не му недостасуваше гламур, ѕвезди и контроверзи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.