Властите во Јапонија воведуваат ограничувања за посетителите во „Округот на гејшите“ – Гион, едно од најпопуларните туристички места во градот Кјото. Согласно одлуката, на посетителите ќе им биде забрането да влезат во неговите живописни улици.

Надлежните на овој начин, меѓу другото, ќе се обидат да се справат со драматичниот раст на туризмот во земјата, објави „Гардијан“.

Во Гион, традиционалните „геико“ и „маико“ уметнички присуствуваат на вечерни „чајанки“ и ги забавуваат гостите, но овие дами често се мета на посетители коишто сакаат да фотографираат и кои ги игнорираат предупредувањата да се држат на растојание, какп и да се воздржуваат од допирање на жените во скапи кимона. Има и поплаки дека лица нелегално влегувале во приватните имоти на жителите на тоа место.

Во декември минатата година, граѓаните, жалејќи се дека нивната област не е „забавен парк“, упатиле повик до Градската управа да преземе мерки против непримерните туристи.

Делумната забрана за влез во тесните улици на Гион ќе стапи во сила следниот месец, иако не е јасно како ќе се спроведе сѐ тоа.

Досегашните обиди да се убедат посетителите да не им приоѓаат на жените вклучуваа знаци за предупредување и казни до 60 евра. Сѐ тоа беше неуспешно и неделотворно.

Кјото повеќе од илјада години бил престолнина на Јапонија, се до 1868 година. Ова не е единствено место коешто денес се бори со „прекумерен туризам“ во оваа островска земја, откако Ковид-мерките беа укинати минатиот април. Инаку, тука најмногу туристи доаѓаат од Јужна Кореја и Кина, како и Тајван.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.