Британскиот принц Вилијам и неговата сопруга Кетрин Мидлтон споделија фотографија во четвртокот од нивната ќерка Шарлот за да го одбележат деветтиот роденден на принцезата.

На фотографијата направена изминатите денови од нејзината мајка, принцезата од Велс, Шарлот среќно се смешка во градината на нивниот дом во Виндзор.

Среќен 9-ти роденден принцезо Шарлот!“, стои во пораката на X профилот на парот. „Ви благодариме за сите љубезни пораки денеска“, се додава.

Стана традиција Кенсингтонскиот дворец да објавува фотографии направени од Кејт, посветена аматерска фотографка, за одбележување родендени и други семејни прилики.

Сепак, фотографијата објавена оваа година на Денот на мајката во март, беше повлечена од голем број новински агенции, вклучително и британски Reuters, бидејќи беше доуредена, за што Кејт подоцна се извини.

Тоа се случи непосредно пред принцезата да открие дека е подложена на превентивна хемотерапија, откако тестовите направени по големата абдоминална операција на која беше подвргната во јануари открија дека има рак.

Престолонаследникот Вилијам ги продолжи службените должности минатиот месец, но Кејт ќе се врати во центарот на вниманието на јавноста само кога нејзиниот медицински тим ќе каже дека е доволно добро.

Кралот Чарлс се врати на јавните ангажмани оваа недела за прв пат откако му беше дијагностициран рак во февруари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.