Општина Свети Николе не дозволува изградба на фотоволтаични централи на земјоделско земјиште до 4-та класа. Советот на општината ги одбива барањата на приватните инвеститори, зашто во претходниот период сончеви колектори се поставувале на продадено државно земјоделско земјиште со добар квалитет.

Секојдневно стигаат барања од приватни инвеститори кои купувале земјиште од жителите на општина Свети Николе. Сега, Советот на општината си има донесено став да се грижи за земјоделското земјиште. До 4 класа се плодни земјишта и добар дел се под системот за наводнување, изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.

Владев додава дека, одлуките не се донесуваат механички, туку барањата ги разгледува и анализира одделението за урбанизам.

Каде се наоѓа земјиштето, каде поминува хидросистемот, дали може да штетат самите фотоволтаици на околината и на земјиделието, па дури потоа се одлучува дали да се даде одобрение или не, изјави Владев.

До сега во општината, 15 компании имаат поставено фотоволтаични централи на 15 ха, со моќност за производство на околу 15 мегават часови електрична енергија, а во процедура е поставување на сончеви колектори уште на исто толкава површина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.