Шест земји членки на НАТО, што се соседи на Русија, се согласија да изградат „ѕид од беспилотни летала“ за да ги бранат своите граници од „провокации“, соопшти синоќа литванската влада.

Тоа е сосема нова работа, ѕид од дронови што се протега од Норвешка до Полска. Целта е да се користат беспилотни летала и други технологии за заштита на нашите граници, рече литванската министерка за внатрешни работи Агне Билотаите.

Таа го изјави ова по разговорите со колегите од другите балтички земји, Естонија и Латвија, како и Финска, Норвешка и Полска.

Не се работи само за физичка инфраструктура, системи за надзор, туку и за беспилотни летала и други технологии, што ќе ни овозможат да се заштитиме од провокации од непријателски земји и да го спречиме шверцот, додаде таа.

Покрај распоредувањето на дронови за следење на границата, тие земји би користеле системи за пресретнување непријателски беспилотни летала.

Литванската министерка не спомна временска рамка за проектот, што беше одобрен поради актуелните безбедносни грижи во регионот во време на руската војна во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.