Украинските сили ги држат клучните градови во централниот и југоисточниот дел на земјата, додека Русите се обидуваат да ги блокираат и задржат опколените Харков, Николаев, Чернихив и Суми, соопшти денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– На окупаторот му нанесуваме загуби, кои тој не можеше да ги види ниту во најлошиот кошмар, рече Зеленски.
Тој изјави дека за 10 дена војна загинале 10.000 руски војници, додавајќи дека тоа не може да се потврди бидејќи руската армија редовно не објавува информации за своите жртви, а само еднаш, во средата, открила дека бројот на загинати е 500.
Зеленски рече дека се работи за момчиња на возраст од 18 или 20 години на кои не им било ни објаснето за што се борат.
Украинскиот претседател претходно денеска објави дека украинските сили започнале контранапад на Харков, вториот по големина град во Украина со 1,4 милиони жители, кој е сцена на најинтензивните бомбардирања од почетокот на војната.
Руската армија, која продолжува да ја гранатира областа околу Киев, особено на северозапад и исток, во петокот ја освои нуклеарната централа Запорожје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.