Обраќање на претседателот на Украина Володимир Зеленски, по бомбардирањето на детска болница и породилиште во Мариупол од страна на руските сили:

Европејци! Украинци! Мариуполци!

Денес е денот кој одредува сè. Одредува кој на чија страна е. Руски бомби паднаа врз болница и породилиште во Мариупол. Детска болница. Породилиште кое работи! Зградите се уништени. Засега има 17 ранети. Урнатините се уште се проверуваат за преживеани. Луѓето навремено почнаа да се кријат од воздушната закана.

Од авијациските бомби од 500 килограми фрлени од страна на окупаторите врз нашите украински градови. И веќе многу пати.

Детска болница. Породилиште. Како тие ѝ се закануваа на Руската Федерација? Каква е оваа земја – Руската Федерација, која се плаши од болници, се плаши од породилишта и ги уништува? Имаше ли таму мали бандеровци? Бремените планираа да пукаат во Ростов? Дали некој во породилиштето ги понижи оние кои зборуваат на руски јазик? Што беше тоа? Денацификација на болницата?

Ова е надвор од границите на бруталноста. Сè што прават окупаторите со Мариупол е надвор од границите на бруталноста. Европејци! Украинци! Мариуполци! Денес, ние мора да бидеме обединети во осудувањето на ова воено злосторство на Русија, кое го одразува сето зло што окупаторите го донесоа на нашата земја.
Сите уништени градови. Тоа што тие направија со Волноваха, Харкив, Изјум, Охтирка, Чернигив, Бородјанка, Гостомел, Житомир и уште десетици други украински градови кои никогаш не претставувале никаква закана за Руската Федерација.

Уништени се болници. Уништени се училишта, уништени се цркви, обични куќи. И сите убиени луѓе. Убиени деца.

Авијациска бомба на породилиштето е последниот доказ. Доказ за тоа дека се случува геноцид врз Украинците.

Европејци! Нема да можете да кажете дека не сте виделе што се случуваше со Украинците, што се случуваше во Мариупол со мариуполците. Вие гледавте. Вие знаете.

Затоа, мора да ги зајакнувате санкциите против Русија за таа повеќе да нема никаква можност да го продолжува овој геноцид.
Мора да извршите притисок врз Русија така, за таа да седне на преговарачка маса и да стави крај на оваа брутална војна.
Москва многу добро знае дека и Мариупол е исто така дел од Доњецката област. Толку многу слушнавме од Русија за жителите на Доњецката област. Толку многу обвинувања, толку многу барања… И сега гледаме како луѓето во Русија всушност се однесуваат кон жителите на Доњецката област. Кон обичните луѓе кои живеат во куќите на Мариупол, работат во претпријатијата во градот Мариупол, се лекуваат во болниците во Мариупол и раѓаат деца, замислете луѓе исти како вас, во породилиштата во Мариупол.
Ние не сме направиле и никогаш не би направиле нешто слично на ова воено злосторство со ниту еден од градовите на Доњецката или Луганската, и навистина со која било област. Со ниту еден од градовите на земјата. Затоа што ние сме луѓе. А вие?
Разговарав денес со Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и со Петседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Исто така работевме и разговаравме и со Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. Со Премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон. Ви благодарам за поддршката, Борис.
Партнерите се целосно информирани за тоа што се случува во нашиот Мариупол. И за ситуацијата во сите други региони на Украина, каде што продолжуваат воените дејствија. Работиме на тоа Русија да ги почувствува последиците од нејзините постапки. Правиме се за конечно да го обезбедиме нашето небо. Благодарен сум му на огромното мнозинство Украинци кои ја поддржуваат оваа позиција. Оние кои собираат потписи, кои ги убедуваат своите познаници на Запад, пишуваат на социјалните мрежи, организираат митинзи.
Заедно, мора да им вратиме малку храброст на некои западни лидери. За тие конечно да го направат она што требаше да го направат уште првиот ден од инвазијата. Или да го затворат украинското небо од руски ракети и бомби, или да ни дадат борбени авиони за да можеме се` самите да направиме. Паузата без одлука веќе стана смртоносна.
Денеска успеавме да ја организираме работата на три хуманитарни коридори. Од градот Суми, од градовите и градчињата во Кијивската област и од Енергодар.
Вкупно беа спасени околу 35.000 луѓе. Продолжуваме утре. Подготвуваме шест коридори. Се молиме луѓето успешно да бидат изнесени од Мариупол, Изјум, Волноваха и сл. Да ги однесеме во безбедни градови на нашата слободна Украина.
И сигурен сум дека секој Украинец чија помош им е потребна на овие луѓе ќе направи се за тие да ја почувствуваат нашата грижа. Додека не можат да се вратат дома.
И, за крај. Секоја година на 9 март се објавуваат лауреатите на Шевченковската награда. Нашата национална награда, која го одбележува најзначајниот придонес во зачувувањето и развојот на украинскиот дух, нашата национална култура.
Сметам дека нашите традиции мора да се следат дури и за време на воената состојба и жестоките битки за нашата слобода. Да не ги изневеруваме. За да ги зачуваме сите наши, украински, целосно се додека одиме кон победата. Додека одиме кон мир.
Указот е потпишан. Сега со нетрпение очекувам прилика да се сретнам со лауреатите. Но, веќе по победата. По победата на Украина.
Слава на Украина!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.