Украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да го прими генералниот секретар на ОН во Киев поради посетата на Антонио Гутереш на Казан, Русија, каде што учествуваше на самитот на БРИКС, изјави за АФП висок функционер од кабинетот на украинскиот претседател.

„По Казан, тој сакаше да дојде во Украина, но претседателот не ја потврди неговата посета поради понижувањето на меѓународното право во Казан“, рече функционерот, кој сакаше да остане анонимен.

Антонио Гутереш дојде во Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин на маргините на самитот на БРИКС, на кој, меѓу другите, присуствуваа и лидерите на Индија и Кина. Во разговорот со Путин, генералниот секретар на ОН му го повторил „неговиот став дека руската инвазија на Украина“ го прекршува меѓународното право, се вели во соопштението од кабинетот на неговиот портпарол.

Кремљ се уште не објави никакви информации за содржината на нивните разговори. Пред средбата, Гутереш повторно повика пред учесниците на самитот за „праведен мир“ во Украина. Уште пред разговорите Путин-Гутереш, Киев го критикуваше „погрешниот избор“ на генералниот секретар на ОН да оди во Казан, што само „го наруши угледот на ОН“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.