Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од витално значење е Русија да учествува во, како што наведе, вистински мировни преговори и истакна дека оваа земја има „дестабилизирачко влијание“ за голем број прашања, вклучувајќи ги и климатските промени.

Во своето видео обраќање од синоќа Зеленски го осуди „дестабилизирачкото влијание на Русија“ во време кога светот се соочува со војна, енергетска и прехранбена криза и, како што го нарече, уништување на меѓународните односи какви што ги знаеме.

Тој, пренесоа британските медиуми, исто така, кажа дека климатската агенда „навистина трпи“ и дека не може „да се стави во мирување“.

Значи, секој кој е сериозен за климатскиот план мора да биде сериозен и за потребата веднаш да се запре руската агресија, да се врати нашиот територијален интегритет и да се принуди Русија на вистински мировни преговори – рече Зеленски.

Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак вчера изјави дека Киев никогаш не одбил да преговара со Москва и дека е подготвен за разговори со идниот руски лидер, но не и со Владимир Путин.

„Вашингтон пост“ изминатиот викенд објави дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го охрабрува украинското раководство да сигнализира отвореност за разговори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.