Откако го напушти врвот на Владата, поранешниот британски премиер, Борис Џонсон, заработил огромни суми пари како говорник. Според новите податоци за дополнителната заработка на британските пратеници, на неговата сметка, со хонорари за говор се наталожиле повеќе од милион фунти (околу 1,12 милиони евра).

Во последните месеци, Џонсон имаше јавни обраќања, меѓу другото, пред банкарите во Њујорк, осигурителните компании во САД, на состанокот организиран од „Си-ен-ен“ во Португалија и на уште една сесија во Индија.

За своите настапи, Џонсон добивал уплати во износ од 215.000 до 277.000 фунти (од околу 249.000 до речиси 322.000 евра), се вели во ажурираните информации во документот објавен на веб-страницата на британскиот парламент, во кој се евидентираат сите дополнителни заработки на пратениците.

Џонсон замина од Даунинг стрит откако ја објави својата оставка од Владата во јули, по низа скандали кои ја поткопаа поддршката што ја имаше во неговата партија. Мандатот официјално му заврши во септември, но 58-годишниот политичар сè уште има место во парламентарните клупи на неговата владејачка конзервативна партија.

Откако неговата наследничка Лиз Трус беше принудена екстремно брзо да ја напушти функцијата поради последиците од најавените даночни промени, дури извесен период се навестуваше и можност за негово враќање на власт, но на крајот, партиските пратеници го поддржаа сегашниот премиер, Риши Сунак.

Џонсон, кој и понатаму е популарен меѓу конзервативците, не ја отфрла можноста за нов обид да ја добие премиерската функција. Следните избори во Велика Британија се очекува да се одржат во 2024 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.