Големиот пожар што вчера избувна во близина на Лимасол во јужниот дел на Кипар и превентивно беа евакуирани неколку села, рано утрово е ставен под контрола, а земјата побара помош, како од соседните држави, така и преку ЕУ механизмот за цивилна заштита, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на Противпожарната служба на Кипар Андреас Кетис утрово соопшти дека пожарот е опколен од копнените сили, засега е под контрола, меѓутоа посочи дека се очекува ветер во попладневните часови со што постои опасност од разгорување на жариштата.

Доцна синоќа огнената стихија се приближи кон населени места, по што превентивно беа евакуирани неколку села.

Република Кипар побара помош, пред сè воздушни средства за гаснење на пожарот, преку ЕУ механизмот за цивилна заштита, а шефот на кипарската дипломатија стапил во контакт со неговите колеги од Грција, Египет, Израел и Либан, кои исто така ќе испратат помош во земјата, а на островот веќе се и хеликоптери од Јордан.

Од грчкото МНР синоќа соопштија дека Грција ќе испрати два Канадери на Кипар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.