Утрово во седиштето на Алијансата во Брисел почна вонредниот состанок на амбасадорите на НАТО на кој ќе се разговара за падот на проектил во Полска, кој не се знае од каде е истрелан, соопштија дипломати.

Информациите за седницата со која претседаваше генералниот секретар Јенс Столтенберг беше објавена во вторникот вечерта.

„Важно е да се утврдат сите факти“, рече генералниот секретар во врска со смртоносната експлозија во која загинаа две лица.

Украина ја обвинува Русија за инцидентот, а Москва ја отфрли одговорноста, тврдејќи дека експлозијата била провокација од Западот.

Полската армија беше во состојба на готовност во средата, еден ден откако ракета падна врз село во близина на границата со Украина.

Полскиот претседател Анджеј Дуда истакна дека во моментот „нема јасни докази“ од каде била истрелана ракетата, „многу веројатно е од руско производство“.

„Во тек е истрага“, рече тој, нагласувајќи дека станува збор за „изолиран“ инцидент

„Постои голема веројатност да се соочиме со последиците од дејствијата на Русија. Овие последици, за прв пат од почетокот на војната Полска ги чувствува на своја кожа бидејќи полските граѓани загинаа“, рече Павел Јаблонски, заменик полски министер за надворешни работи, во средата за агенцијата ПАП.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.