Западните дипломати и групите за човекови права изразија загриженост откако претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, прогласи вонредна состојба во земјата, а полицијата употреби сила против мирните демонстранти кои бараат смена на претседателот поради најтешката економска криза во земјата.

Раџапакса со прогласувањето на вонредната состојба во земјата доби овластувања за одобрување притвор, за одземање имот и претрес на какви било простории. Исто така, може да ги измени или суспендира законите во интерес на јавната безбедност и за одржување на основните резерви.

Шри Ланка е на работ на банкрот, бидејќи нејзините жители демонстрираат со месеци наназад, обвинувајќи ги Раџапакса и неговите роднини кои владеат со години, за економската состојба и лошото управување со долгот што создаде огромен недостиг од храна, електрична енергија и лекови.

Полицијата вчера на двапати употреби солзавец и водени топови против демонстрантите во близина на зградата на парламентот додека тие ги критикуваа пратениците дека не го смениле претседателот и владата, на чие чело е братот на претседателот Махинда Раџапакса.

Американската амбасадорка во Шри Ланка, Џули Чунг, денеска на Твитер напиша дека е загрижена поради вонредната состојба и дека „треба да се слушне гласот на мирните граѓани“.

Канадскиот амбасадор Дејвид Мекинон соопшти дека жителите на Шри Ланка имаат право на мирни протести и дека „тешко е да се разбере зошто е потребна вонредна состојба“.

Владата денеска соопшти дека е прогласена вонредна состојба за да се „создаде политичка стабилност“ за да може да се спроведат реформи за да се помогне во решавањето на економската криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.