Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, објави соопштение во кое им се обра’a на властите во Киев за тоа дека ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје, koja e најголемата во Европа, предизвикува зголемена загриженост.
Захарова со соопштението пренесува дека украинските власти ја „ескалирале ситуацијата“ наведувајќи дека официјален Киев „шири дезинформации за наводно влијание на руските претставници во електраната за обезбедување на нејзината безбедност“.
Постојано нагласуваме дека Русија покажа најголема одговорност во однос на украинските нуклеарни постројки и направи се што е во нејзина моќ за да обезбеди, не само соодветно ниво на нуклеарна и физичка безбедност, туку и најголема можна транспарентност во ова прашање – вели Захарова во соопштението упатено до Киев.
Таа натаму наведува дека на крајот на јуни 2022 година, Русија, заедно со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), предводена од генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, подготвувала посета на оваа нуклеарна централа за да се потврди усогласеноста со безбедносните стандарди и имплементацијата на заштитни мерки, но дека посетата не се одржа бидејќи Секретаријатот на ОН одби да ја поддржи иницијативата на Секретаријатот на МААЕ под слабо оправдување за недоволна безбедност и лош тајминг за посетата.
Попречувањето на посетата беше од корист на режимот во Киев и неговите западни спонзори, кои не беа задоволни што главниот директор, експертите на Агенцијата и меѓународните претставници вклучени во мисијата ќе имаат можност да ја видат реалната ситуација во Запорожје и самите да се уверат во исправноста на нејзиното функционирање – наведува Захарова.
Таа го напаѓа режимот во Киев за нарушување на безбедноста на нуклеарната централа.
По откажувањето на посетата, вооружените провокации на Киев против нуклеарната централа се зголемија повеќекратно: беа извршени напади со беспилотни летала на територијата на централата, а имаше и акции насочени кон заплашување на нејзиниот персонал. Руското Министерство за надворешни работи постојано ги пријавува овие инциденти во МААЕ – вели Захарова.
Таа заклучува дека акциите на Украина ги прекршиле сите седум принципи за нуклеарна безбедност формулирани од генералниот директор на МААЕ, игнорирајќи ги резолуциите на Генералните конференции на МААЕ од 1985 и 1990 година, кои наведуваат дека секој вооружен напад или закана од напад врз нуклеарни постројки ги прекршува принципите на Повелбата на ОН, меѓународното право и Повелбата на МААЕ.
Го предупредуваме режимот на Зеленски да не продолжува со провокации насочени кон најголемата нуклеарна централа во Европа, бидејќи тоа може да доведе до нуклеарна несреќа што ќе има последици не само за Украина. Ја повикуваме меѓународната заедница да биде внимателна по ова прашање и да ги осуди постапките на властите во Киев – вели портпаролката на руското МНР во соопштението упатено директно до украинските власти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.