Вулканот Етна на италијанскиот остров Сицилија синоќа исфрли жешка лава, но немаше големо исфрлање пепел, како и извештаи за штети, јави ДПА.

Аеродромот во градот Катанија изутринава продолжи да работи и покрај тоа што италијанскиот Институт за геофизика и вулканологија го подигна нивото на опасност од жолто на портокалово.

Од далечина, можеше да се види вжештена лава и остатоци, исфрлени нагоре во темнината кои потоа бавно паѓаа по падините на планините. Поактивен бил југоисточниот кратер на вулканот.

Етна е најголемиот активен вулкан во Европа и е висок околу 3.300 метри.

На Исланд, пак, е прогласена вонредна состојба поради опасност од вулканска ерупција.

Мерката беше воведена по серијата земјотреси на полуостровот Рејкјанес, југозападно од островската држава во северниот дел на Атлантскиот Океан. Ова предизвика страв од вулканска ерупција, за која Исландската метеоролошка служба вели дека може да се случи „во рок од неколку дена“.

Развиени се планови за евакуација на околу 4.000 жители на рибарскиот град Гриндавик.

Блиската Сина лагуна, популарна туристичка локација позната по своите геотермални минерални извори, завчера беше затворена како мерка на претпазливост.

Главниот град Рејкјавик се наоѓа на околу 40 километри северно.

Од крајот на минатиот месец на полуостровот Рејкјанес се регистрирани околу 24.000 земјотреси.

Во Исланд има 33 активни вулкански екосистеми – најмногу во цела Европа.

Во својата последна ерупција, во 2010 година, вулканот Ејафјордур практично го запре воздушниот сообраќај во Европа, предизвикувајќи откажување на 100.000 летови и блокирајќи 10 милиони патници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.