Во главниот град на Казахстан, Алмати, денеска избувна ново насилство.

Очевидци за британските медиуми велат дека во пукотницата има повредени. Истите извори велат дека кон плоштадот се движат воени возила.

Војниците пукаат во демонстрантите и автомобилите на плоштадот на Републиката во Алмати. Пукањето на плоштадот не престанува веќе 15 минути. Се пука кон луѓето кои дојдоа на плоштадот со оружје, се пука кон автомобилите. Сигурно има ранети. Нејасно е, невозможно е да им се пријде на загинатите – велат очевидци.

Британските медиуми, повикувајќи се на соговорниците од плоштадот, пренесуваат дека војската веднаш го опколила плоштадот и почнала специјална операција без да ги напушти возилата. Тие побарале демонстрантите да го напуштат плоштадот и предупредиле дека ќе отворат оган.

Полицијата во Алмати соопшти дека загинале десетици демонстранти во текот на ноќта и дека во моментов се изведува операција на нивна идентификација.

Државната телевизија јави дека најмалку 18 припадници на безбедносните сили се убиени во немирите, од кои двајца биле обезглавени, а над 740 се повредени.

Уапсени се 2.000 демонстранти, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Вчера беше опожарена претседателската резиденција во Алмати и канцеларијата на градоначалникот, а градот е полн со изгорени автомобили. Во цела земја нема интернет.

Војниците ја повратиле контролата врз главниот аеродром, што демонстрантите вчера го освоија.

На централниот плоштад во Алмати, Република, во текот на денот наизменично имаше и војници и стотици демонстранти, а попладнево повторно почна ада се слушаат спорадицни истрели и експлозии .

Овие последни два дена е забележено најжестокото насилство во изминатите 30 години независност во оваа земја богата со нафта и ураниум.

Претседателот Касим-Жомарт Токаев, кој ја повика Русија на помош, ги обвинува демонстрантите дека се терористи обучени во странство за бунтот.

Станува збор за поткопување на интегритетот на земјата и што е најважно, за напад на нашите граѓани кои бараат од мене итно да им помогнам – изјави тој.

Москва најави дека ќе соработува со своите сојузници за да му помогне на Казахстан во „антитерористичката операција“ и верува дека бунтот е инспириран однадвор.

Бунтот, што почна како протест против новите повисоки цени на горивата, избувна во средата кога демонстрантите упаднаа во зградите на државната и јавна администрација во Алмати и други градови и ги запалија. Тие извикуваа слогани против поранешниот претседател Назарбаев, кој се повлече од власта во 2019 година.

Токаев завчера ја распушти владата, ја укина одлуката за поскапување на горивата и се огради од својот претходник, заменувајќи го од влијателната функција претседател на Советот за безбедност.

Но, тоа не ги смири демонстрантите кои го обвинуваат семејството на Назарбаев и сојузниците дека се збогатиле со нафта и минерални ресурси, оставајќи ја земјата во сиромаштија.

Назарбаев не е виден во јавноста од почетокот на протестите.

Западните земји повикаа на мир, а Кина оцени дека тоа е внатрешно прашање на Казахстан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.